Додека светот се соочува со стравувањата дека вештачката интелигенција и роботите целосно ќе ги заменат луѓето на работните места, во Кина се појавува сосема нова професија – тренер на роботи.

Работниците во оваа област заработуваат помеѓу 600 и 900 долари месечно така што со часови мијат садови, бришат маси, редат облека и повторуваат едноставни движења пред специјални сензори и камери. Нивната задача е да им помогнат на машините еден ден самостојно да ги извршуваат овие секојдневни домашни задачи.

Според извештаите на „Саут Чајна Морнинг пост“, компаниите ангажираат специјални тренери кои носат опрема за следење на движењата. Секој нивен потег се снима, анализира и се претвора во дигитални податоци со кои се обучуваат напредните роботски системи. Крајната цел е роботите да научат не само да извршуваат зададени команди, туку и прецизно да ги препознаваат предметните и да се приспособуваат на различни ситуации во домовите, фабриките и продавниците.

Повторување на истите активности и по 200 пати дневно

Четириесетгодишната Лиу Јун од Пекинг е една од лицата кои ја избрале оваа професија откако останале без работа во автомобилската индустрија. Нејзиниот секојдневен работен ден вклучува премистување чаши, чистење површини и миење садови, при што сензорите го бележат секој детал од нејзините движења.

„Понекогаш морав да ги повторувам истите домашни активности и по 200 пати дневно, што претставуваше голем физички и психички напор“, раскажува Лиу.

Иако на прв поглед работата изгледа едноставна, дневните норми кои достигнуваат и над 200–260 примероци на движења можат да бидат мошне исцрпувачки.

Заработка и интерес кај младите

Месечните примања на тренерите на роботи во Кина се движат од 4.000 до 6.000 јуани (приближно 600 до 900 долари), додека дел од работниците се ангажирани на дневници од околу 18 долари, со повисоки надоместоци за ноќните смени.

Огласите за вакви позиции сè почесто се привлечни за невработени лица, студенти и луѓе кои бараат хонорарна или дополнителна заработка во брзорастечкиот технолошки сектор.

Exit mobile version