Царинските службеници на аеродромот во германскиот град Келн останале шокирани кога при редовна контрола на багажот отвориле куфер во кој пронашле дури 37 отровни змии и 55 ретки гуштери.

Животните биле спакувани во пластични садови и торби, а голем дел од нив припаѓале на високо опасни и отровни видови кои се строго заштитени со меѓународните прописи за трговија со диви животни.

„Ова е едно од најнеобичните и најризичните откритија на нашиот аеродром. Ваквиот начин на транспорт не само што е незаконски, туку претставува и сериозна опасност по јавната безбедност и здравјето на екипажот и патниците“, соопштија надлежните царински служби.

Запленетите влекачи веднаш биле предадени на соодветни ветеринарни служби и центри за грижа на животни, додека против лицето кое го пренесувало куферот е покрената итна кривична постапка за незаконски шверц на заштитени видови.

Exit mobile version