КЕМЕТ Eлектроникс Македонија воведе автоматизирана машина со робот креирана од македонски инженери
Напредна иновација со домашен потпис, воведена во КЕМЕТ Eлектроникс Македонија. Во производните процеси на компанијата воведена е новата автоматизирана машина со робот базирана на најновите иновативни технолошки решенија. Ова напредно технолошко решение е дело на тимот составен од македонски инженери кои се дел од КЕМЕТ Eлектроникс Македонија.
Македонските инженери на развој на новата автоматизирана машина со робот работеа неколку месеци, а вкупната инвестиција во овој проект изнесува 120.000 евра. Имплементирањето на новото решение, базирано на робот, во голем мерка ќе ја подобри ефикасноста на процесот на електрично тестирање на кондензатори и истовремено ќе го подигне квалитетот во производството.
„Пред 10 години не можевме да замислиме дека е можно да развиеме и да создадеме наша сопствена опрема, која ќе биде по „мерка“ на нашите потреби и специфики. Но, денес ние, нѐ само што докажавме дека вреди да се сонува за високи професионални дострели, туку и дека вреди за тоа да се работи со страст, посветеност и континуирана едукација. Создадовме автоматска машина со робот согласно последните светски трендови во индустријата. Тоа го создадоа нашите инженери, што нѐ прави дополнително горди, бидејќи докажавме дека сме конкуренти во светски рамки. Добрите услови за работа, континуираната едукација, високата посветеност и мотивација на нашите луѓе даваат големи резултати. Ние продолжуваме во таа насока и веруваме дека нашите тимови ќе создадат уште многу напредни иновативни решенија кои дополнително ќе го унапредат процесот“, вели Франческо Татоли, заменик директор на КЕМЕТ Електроникс Македонија, ЈАГЕО компанија.
Во 2018 година во КЕМЕТ Eлектроникс Македонија основан е Центар за истражувања и развој, во чии рамки работат 30 стручњаци од областа на машинството, електротехниката, хемијата, физиката, како и од областа на технолошките науки. Овој тим работи на унапредување и развој на нови технолошки решенија, адаптирани за производните процеси на Групацијата на повеќе пазари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа