Верниците на Римокатоличката црква во земјава денеска го слават најголемиот христијански празник – Воскресение Христово (Велигден). Централното одбележување традиционално се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде велигденското бдение започна со благослов на огнот и внесување на воскресната свеќа.
На свечената Воскресна литургија присуствуваа високи државни претставници, меѓу кои претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници Оливера Трајковска, како и претставници на дипломатскиот кор и јавниот живот.
Литургијата ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов. Во својата велигденска проповед, тој се осврна на суштината на празникот, но испрати и силни пораки за актуелните глобални конфликти, особено војните во Украина и на Блискиот Исток.
„Со голем копнеж и емпатија за сите оние што страдаат, постојано ги упатуваме нашите повици до Творецот да ги охрабри срцата на оние што се одговорни за ова насилство да тргнат по патот на преобразување и да воспостават праведен мир. На Блискиот Исток, крвта сè уште не се исушила, а нов конфликт веќе се разгоре. Христијаните таму како ‘мало стадо’ доживуваат тешки искушенија“, истакна бискупот Стојанов, потсетувајќи на континуираните повици на Папата да замолчи оружјето.

Зборувајќи за католичката заедница во Македонија, бискупот ја цитираше Света Мајка Тереза, нагласувајќи дека иако се мала заедница, тие се „капка во океанот“ која е неопходна за ширење на Божјата љубов.
„Велигден е дар од Бога и повик до сите да им помогнат на луѓето во време на криза, да внесат светлина во темнината… Љубовта е посилна од омразата и злото не смее да го има последниот збор“, порача бискупот Стојанов, честитајќи им го празникот на верниците со традиционалниот поздрав: „Христос воскресе!“.

