Со одлука на Панамериканската здравствена организација (ПАХО), Канада по речиси три децении го изгуби статусот на земја каде што сипаниците се искоренети, објави Канадската агенција за јавно здравје.

Британските медиуми јавуваат дека статусот е поништeн поради неуспехот на Канада во текот на изминатата година да ја спречи епидемијата на сипаници.

Според здравствените експерти, повеќе од 5.000 случаи на мали сипаници биле регистрирани во девет од 10 провинции и една северна територија. Во официјалното соопштение на Агенцијата се наведува:

„Иако преносот на оваа инфекција неодамна се забави, епидемијата траеше повеќе од 12 месеци, првенствено во заедниците каде што не беа вакцинирани потребниот број луѓе. ПАХО ја информираше Агенцијата дека земјата повеќе нема статус на земја во која се искоренети малите сипаници.“

Канадската Агенција за јавно здравје ќе се фокусира на зголемување и унапредување на масовното вакцинирање, со цел повторно да се спречи ширењето на оваа заразна болест.

Експертите потенцираат дека падот на стапката на вакцинација во некои делови од Канада, особено по пандемијата Ковид-19, придонел за новата епидемија и растот на бројот на невакцинирани лица.

Exit mobile version