Kандидатот за градоначалник за општина „Валандово“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Камчев, истакна дека општина Валандово со години тапка во место, и не се движи во правилна насока заради лошите локални политики. Камчев во своето гостување на телевизија Телма и посочи дека економијата е сведена на најниско ниво и дека голем број на капацитети се затворени, се наведува во соопштението кое МИА го пренесува во целост:
„Општина Валандово во последните години тапка во место, самиот факт дека мојот противкандидат од изборите во 2021 има изгубено повеќе од 1.000 гласови, тоа е најдобриот показател дека Валандово не се движи во вистинска насока. Нека ни кажат што тие направија за општина Валандово во поглед на развој на економијата, имавте ветено уште во 2017, проект 5-50-500, еве валандовската јавност сака да знае до каде е тој проект, иако сите знаеме дека тој проект воопшто и не е започнат. Нашата економија е на најниско ниво во последните дваесетина години, имаме најмал број на регистрирани фирми во овој момент во Валандово, голем број на капацитети се затворени. Што се случи со нашето земјоделство, што се случи со нашето стопанство, зошто е на толку ниски граники?“ го запраша Камчев противкандидатот Костадинов и актуелен градоначалник на општина Валандово.
Камчев истакна дел од проектите на својата изборна програма.
„Лично преговарам со две компании коишто ќе инвестираат во веќе затворени стопански капацитети и очекувам да бидат вработени некаде околу 200 луѓе, локалниот економски развој е многу значаен ќе создадам тим од луѓе што имаат искуство, во мојата програма токму акцент е ставен на реконструкција на водоводните мрежи во целата општина, во однос на еколошкиот аспект секаде онаму кадешто можеме во сите општински институции ќе направиме термо фасади, ќе се обидеме сите институции да имаат добри објекти квалитетно изведени, предвидени се нови паркови, помалите населени места во општината ќе добијат содржини за децата, забавни паркови, ќе бидат финансирани сите спортски здруженија, исто така ќе извршиме реконструкција на градскиот стадион“, посочи Камчев.

