Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

 

Според Календарот на МПЦ, утре се празнува Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски.

Овој голем и свет маж беше извонреден толкувач и заштитник на Православието. Сиот негов живот беше посветен на борбата против Ариевата ерес којашто не Го признаваше Синот Божји за Бог и хулеше на Пресвета Троица. Еретиците трипати го оддалечуваа од неговиот архиепископски престол на прогонство во Ерменија. Борбата меѓу православните и еретиците се водеше толку огорчено, што еднаш кога Св. Мелетиј му зборуваше в црква на народот за Божествената Троица во единство, неговиот сопствен ѓакон, еретик, притрча и му ја затвори устата на владиката со рака. Не можејќи да зборува со јазикот Мелетиј зборуваше со знаци. Имено, ја подигна раката нагоре, ги отвори прво трите прста и му ги покажа на народот, потоа ја склопи раката и подигна еден прст. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор, каде што уживаше особени почести од страна на царот Теодосиј. На тој Собор Бог покажа чудо преку овој свет архиереј. Кога Мелетиј им ја докажуваше на ариевците догмата за Света Троица, тој прво подигна три прсти, раздвоено, еден по еден, па потоа ги склопи во едно. Во тој миг пред сите присутни од неговата рака блесна светлина како молња. На тој Собор Св. Мелетиј го утврди Григориј Богослов на Цариградскиот престол. Порано тој го заѓакони Св. Василиј Велики, а го крсти Св. Јован Златоуст. По завршувањето на Соборот го заврши својот овоземен живот во Цариград. Неговите мошти се пренесени во Антиохија.

Тропар
Ликува денес Црквата Христова, торжествува небесата, празнува земјата, се прославува пастирот Божји, Мелетиј свети, учителот на мноштво светила православни, исповедникот на Пресвета Троица, закрепнато од Духот Свет, преку него се зацари вистината, моли се за нас, о пастиру свет, да останеме во стадото Христово во вечни векови.

Свети Алексиј, митрополит Московски

Голем јерарх на Руската Црква во времето на тешкото ропство на рускиот народ под Татарите. Еднаш во детството ловејќи птици заспа и во сон слушна глас: „Алексиј, зошто залудно се трудиш? Ќе те направам ловец на луѓе“. Во својата дваесетта година се замонаши и со време стана митрополит московски. Двапати одеше во татарската златна орда; првиот пат за да го ублажи гневот на канот Вердевир против рускиот народ, а вториот пат на повик од канот Амурат за да ја исцели жена му од слепило. Оваа жена беше слепа три години, но оздраве и прогледа кога Алексиј ? прочита молитва и ја помаза со осветена водичка. После страдалниот и многуплоден живот се упокои во 1378 година во осумдесет и петтата година од животот и се пресели во дворците Господови.

Тропар
Како светлосјаен засветли денес твојот спомен, верните ги озарија душите и телата, и исцеленија добија од богопријатните струи, кои по твоите молитви се источуваат, славен оче Алексие, светителу, затоа те молиме, како сопрестолен на архиереите и необичен чудодејственик, кој стоиш пред Христовиот Престол, не престанувај да се молиш за нас.

Преподобна Марија

Девојка со машка храброст. По смртта на нејзината мајка татко ? посака да се замонаши. Но Марија не сакаше да се раздели од својот татко, па по договор обајцата се упатија во еден машки манастир, и тоа Марија со потсечена коса и во машка облека, како момче. Умре татко ? , а Марија се замонаши како машко и го доби името Марин. Во близина на манастирот имаше гостилница и ќерката на гостилничарот се загледа во божемниот монах Марин и откако неуспешно го искуша, го обвини овој монах за недопустлив однос со неа, а таа со некого зачна и роди син. Марија не се бранеше, па беше понижена и избркана од манастирот. Со туѓо дете на рацете проживеа пред портите на својот манастир три години трпејќи глад и студ и секаква мака и немаштија. По ова ќерката на гостилничарот полуде, а наскоро потоа Марија умре. Дури по смртта се дозна дека т.н. монах Марин бил женско. А кога лудата ќерка на гостилничарот се допре до моштите на Св. Марија, оздраве и потоа го призна својот страшен грев. Св. Марија се упокои и се пресели во бесмртната радост во 508 година.

Тропар
Преблагиот ги услиша молитвите и ти даде, о Маријо, по желбата на срцето твое о Марине, така да ни машко ни женско, туку сe во сe е Христос, Кој бдее над душите наши. Он ги прими твоите подвизи, и на братот во Бога Евгениј, устрои подвигот кој е над човечката природа чесно да заврши, во слава Негова, дозволувајќи вашите молитви, да бидат за нас покров и заштита, во сите векови.

Свети Антониј, патријарх Цариградски

Најпрво голем подвижник со необично милосрдие, а потоа патријарх во времето на царот Лав Мудриот (889 г. – 912 г.). Го замонаши и својот татко. Устрои манастир над моштите на Св. Калија.

Света Калија

Со дарежлива рака кон бедните и со чисто христијанско милосрдие и како девојка и подоцна како мажена жена. Нејзиниот маж беше богат но тврд. Кога еднаш се врати од службен пат виде дека жена му го раздала сето негово богатство на сиромасите. И ја уби. Но Бог ја прослави оваа милосрдна душа на тој начин што од нејзините мошти подоцна се исцелија мнозина болни. Откако се увери во ова, патријархот Антониј подигна манастир над нејзините мошти.

24.02.2023 - 22:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега