Nike за десетина дена ќе испадне од престижниот американски берзански индекс S&P 100, по драматичниот пад на пазарната вредност на компанијата во последните години. Од околу 264 милијарди долари пред помалку од пет години, вредноста на спортскиот гигант се спушти на околу 50 милијарди долари, додека акцијата загуби речиси 80 проценти од вредноста.
Еден од клучните проблеми, според поранешни директори на Nike, бил пресвртот во стратегијата од 2020 година, кога компанијата се обидела да продава што повеќе директно преку сопствените апликации, интернет-страницата и продавниците. Истовремено ја намалила соработката со големите трговски синџири, оставајќи празен простор кој брзо го презеле Hoka, On, New Balance, Adidas и Asics.
Nike направил и голема реорганизација, заменувајќи ги одделите фокусирани на конкретни спортови со пошироки категории за мажи, жени и деца. Со заминувањето на стотици искусни дизајнери, маркетинг-експерти и директори, компанијата изгубила дел од знаењето со кое со децении ги диктирала трендовите во трчањето, кошарката и другите спортови.
Дополнителен проблем било претераното потпирање на старите успешни модели како Air Jordan, Dunk и Air Force 1, додека конкурентите инвестирале во нови технологии и производи. Залихите во еден период пораснале од 6,5 на 10 милијарди долари, а Nike сè почесто морал да продава со попусти.
„Nike ја изгуби опсесијата со спортот и ја запостави блиската соработка со своите партнери“, оцени новиот извршен директор Elliott Hill, ветувајќи враќање кон корените на брендот.
Компанијата сепак е далеку од финансиски колапс. Во 2025 година остварила приходи од 46,4 милијарди долари и околу три милијарди долари добивка, но го загубила она што со децении ја издвојувало од конкуренцијата – имиџот на бренд кој ги создава, а не ги следи трендовите.


