Фондот за здравствено осигурување предлага измени со кои би се зајакнале контролите на боледувањата и би се спречиле евентуални злоупотреби. Меѓу новите мерки е можноста контролори да проверуваат дали лицето кое користи боледување се наоѓа на адресата на која треба да го поминува отсуството.
Контролите би можеле да се вршат по случаен избор, но и по пријава од работодавач. Директорот на ФЗО, Златко Перински, најави дека до Управниот одбор ќе бидат доставени предлози за измени на Правилникот за боледување и на критериумите за контрола.
Според предлогот, матичните лекари наместо досегашните седум би можеле самостојно да отвораат боледување во траење до пет дена.
Најголемата промена се однесува на контролата на лицата кои се на боледување. Контролор би можел да дојде на домашната адреса на осигуреникот за да провери дали тој се наоѓа таму.
Доколку лицето не биде затекнато, контролорот би оставил известување со кое осигуреникот ќе биде повикан пред лекарска комисија да објасни зошто не се наоѓал на адресата на која требало да го поминува боледувањето. За утврденото отсуство би бил информиран и работодавачот.
Перински посочи дека за 2026 година ФЗО има предвидено 6,454 милијарди денари за боледувања и породилно отсуство, поради што, според него, е неопходно да се зајакнат механизмите за контрола.
Со измените се предвидува и дополнителна ревизија на боледувањата што ги одобруваат лекарските комисии, врз основа на извештајот од контролорот.
Предложените правила засега не се во сила. Управниот одбор на ФЗО треба да ги разгледува следната недела, а доколку бидат усвоени, ќе биде потребно позитивно мислење и согласност од Министерството за здравство пред нивната примена.
Во пакетот предложени измени е опфатено и прашањето за рецептите издадени во дежурните служби. ФЗО предлага тие да важат 24 часа, наместо досегашното правило според кое требало да бидат реализирани до полноќ истиот ден.


