Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 2,86 проценти.
ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 поскапуваат за по 3,50 денари за литар, па новите цени ќе изнесуваат 100,50 денари за БС-95 и 102,50 денари за БС-98.
Дизелот, пак, поевтинува за два денари и ќе се продава по 99 денари за литар. Намалувањето е резултат на владината одлука ДДВ-то за ЕУРОДИЗЕЛ привремено да се намали од 18 на 10 проценти, како и на продолжената примена на намалената акциза од четири денари за литар.
Без даночните олеснувања, растот на берзанските цени ќе донесеше значително поскапување и на дизелот. Во новата пресметка референтните цени на светскиот пазар се повисоки за 6,25 проценти кај бензините и за 6,67 проценти кај дизелот.
Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 4,50 денари и ќе чини 109,50 денари за литар, додека мазутот се зголемува за 2,242 денари и ќе се продава по 48,243 денари за килограм.
Курсот на денарот во однос на доларот во пресметковниот период бил благо понизок, но тоа не било доволно да го неутрализира силниот раст на берзанските котации на рафинираните горива.


