Општина Гази Баба официјално го објави јавниот повик за доделување субвенции за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за 2026 година, со цел да се стимулира поеколошко затоплување на домовите.
Граѓаните кои ќе ги исполнат условите можат да добијат надомест до 50% од вкупните трошоци за купување на уредот, но со утврден максимален лимит кој не може да надмине повеќе од 20.000 денари по домаќинство.
Право на учество во овој повик имаат сите жители на Општина Гази Баба кои ќе набават инвертер во текот на 2026 година, под услов во домот да користат печка на дрва, јаглен, нафта или мазут и истата да ја предадат на Општината по добиено известување од Комисијата. Од друга страна, право на субвенција немаат оние домаќинства кои имаат приклучок на градско централно греење, без разлика дали го користат или не.
Според пропишаните правила, набавениот инвертер мора да исполнува одредени карактеристики, односно да има најмалку COP 5, да грее на температура до -15°C и да биде најмалку А+ енергетска класа.
За аплицирање е потребно да се достави комплетна документација, вклучувајќи фискална сметка или фактура, фотографија од постојната печка, нотарски заверена изјава и останатите документи наведени во јавниот повик кои се достапни на веб-страницата на општината.
Барањата од заинтересираните граѓани се поднесуваат во Архивата на Општина Гази Баба, на ул. „Архимедова“ бр. 2, секој работен ден во периодот од 07:30 до 16:30 часот.


