Јанкулоски: Несовесното однесување на луѓето е најчеста причина за пожарите

Несовесното однесување на луѓето при чистење на нивите, градежни материјали и шут се најчеста причина за пожарите на отворено, заклучи командирот на Територијалната против пожарна единица – Охрид Борко Јанкулоски.

Охридските пожарникари, според него, во првите четири месеци од годината интервенирале 124 пати, што е за четири повеќе во однос на истиот период претходната година, кога имале 120 интервенции. Од почетокот на годината досега имале 59 техничките интервенциици и други активности, а истиот период лани само триесет и една.

– Во април бележиме 21 интервенција на пожар и 12 технички. Поголем број интервенции има во март, кога вкупно се интервенирало во 53 случаи, било да се пожари или други активности. Често апелираме дека не даваме никакви одобренија за „контролирано“ палење. Годините наназад било во пракса, граѓаните да се јават на итната телефонска линија да пријават дека ќе вршат контролирано палење. Моментално ние не даваме такви дозволи и одобренија, потенцира Јанкулоски.

Палењето оган на отворен простор, нагласи, е забрането со Закон и апелира граѓаните тоа да не го прават.

– Пожарот од обично стрниште може да се прошири, а секако тука е и загадувањето на околината и на воздухот. Кога ќе дојде до проширување на пожарот, се јавуваат кај нас да интервенираме, додава Јанкулоски.

Овој период од годината, како што истакна, за пожарникарите и не бил толку проблематичен, за разлика од летото кога имало значително поголем број интервенции.

– Вегетацијата е зазеленета, помали се шансите за полски и шумски пожари. Очекувањата се дека интервенции ќе има повеќе кон средината на летото, рече Јанкулоски.

Посочи дека имаат недостаток од возило за интервенции во стариот дел од градот, но и опрема за пожарникарите, за нивна лична заштита и безбедно пристапување на терен

– Имаме недостаток на опрема. Тоа што во моментов е најитно е мало возило, кое би се користело во стариот дел на градот, дел кој е од висок ризик поради историски и културни вредности, од непроценливо знаење. Тежок е пристапот, посебно во летниот период и нешто како најбитно е лична заштитна опрема за пожарникарите. Преку една донација успеавме да набавиме осум комплети за осум пожарникари, но не се доволни. Се надевам дека во соработка со Локалната самоуправа бројката ќе ја надополниме да се комплетираме сите 38 пожарникари, изјави командирот на охридските пожарникари.

03.05.2022 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега