Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска најави значително зголемување на средствата наменети за научно-истражувачка дејност. Според неа, буџетот за наука во 2026 година ќе достигне рекордни 773 милиони денари, што е двојно повеќе во споредба со 2024 година кога беа наменети 380 милиони.
Јаневска истакна дека државата мора да го напушти трендот на мали инвестиции доколку сака да остане конкурентна на меѓународната сцена.
„Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во науката. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата“, изјави министерката на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Покрај зголемениот буџет, Јаневска ги наведе и зголемувањето на платите на професорите за 14 отсто, бесплатниот пристап до престижните научни бази и отворањето на првиот државен научно-технолошки парк како клучни чекори за подобрување на условите во овој сектор.

