Подигнување на свеста за значењето на знаењето и улогата на наставниците беше главната цел на денешната панел-дискусија „Училницата на иднината: вештачката интелигенција, знаењето и новата улога на наставникот“, организирана во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека Владата планира воведување на вештачката интелигенција (ВИ) во секојдневниот живот на учениците, но со голем претпазливост.
„Денешната тема е вештачката интелигенција (ВИ) и наша цел како Влада и како МОН е да ја воведат во секојдневниот живот на учениците и наставниците, но исклучително внимателно со користење на етичките принципи затоа што секоја нова технологија носи многу добри страни и ризици“, изјави Јаневска.
Таа додаде дека без оглед на технолошкиот развој, наставниците ги заслужуваат целата почит и доверба. На настанот присуствуваше и младиот математичар Македон Димитровски, кој неодамна освои два златни медали на Германската математичка олимпијада.
„Имаше најголема конкуренција од досега што имав. На почетокот 110.000 соученици, а на финалето приближно 1.000 и затоа јас многу бев задоволен што учествував. Добив две медали – едниот за натпреварот ‘Математички предизвик’ и уште еден медал за прво место лаурет“, изјави младиот Димитровски.
Професорот Сашо Коцески од Универзитетот „Гоце Делчев“ истакна дека наставниците се „душата и срцето“ на системот и нивниот авторитет е клучен за пренесување емпатија. Тој смета дека едукацијата е основниот пат за справување со новите технолошки револуции.
Професорот Бранислав Геразов од ФЕИТ информираше дека во изминатите шест месеци била реализирана обука за 1.300 наставници за примена на оваа технологија. Целта на обуката била да се прикажат предностите на ВИ во подобрувањето на наставниот процес преку интерактивни квизови и игри.


