Грчката полиција и специјални тимови со механизација го пребаруваат дворот на куќа во Маратон, Грција, откако ќерката признала дека пред една деценија ја закопала својата мајка таму за семејството да продолжи да ја прима нејзината пензија. И покрај нејзиното признание, останките на старицата сè уште не се пронајдени.
Истрагата започнала откако роднина на бабата, која живеела во Франција, пријавила во полиција дека не може да стапи во контакт со неа веќе десет години. По проверката, властите утврдиле дека смртта на жената, која денес би имала околу 90 години, никогаш не била официјално пријавена.
За време на испитувањето, ќерката го покажала местото каде што наводно го извршила чинот. Обвинителот во оваа фаза не наредил апсења, туку дал насока полицијата да продолжи со собирање докази и пребарување на теренот.
На локацијата живееле ќерката и нејзиниот син, за кога медиумите наведуваат дека има здравствени предизвици, а соседите истакнуваат дека семејството живеело исклучително изолирано.
„Таа жена и нејзиниот син живееле во куќата. Тука сум десет години и никогаш не ја видов бабата. Очигледно, ако она што го гледам сега навистина се случува, нешто се случило и претходно“, изјавил еден од соседите за „protothema.gr“.
Друг сосед за „Оринџ Прес“ го опишал чудното однесување на семејството и истакнал дека излегувале само навечер.
„Тие во основа немаа никаков контакт со ниту еден од соседите. Излегуваа само навечер, дури и го шетаа кучето навечер. Од она што можам да разберам, имаа некои психолошки проблеми, не беа баш добро свесни. Во шок сме, не знаеме што ни се случува“, изјавил соседот.
Потрагата по останките на местото продолжува, а областа околу куќата е целосно блокирана од полициски екипи и градежни машини.

