Тензиите на Блискиот Исток се пред нова ескалација додека израелската влада ја чека клучната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп. Сè повеќе индикации упатуваат на тоа дека Вашингтон заклучил дека Техеран не е подготвен да ги прифати испорачаните американски услови за дефинитивен прекин на војната.
Подготовките во Пентагон веќе се во напредна фаза бидејќи првичните цели на Вашингтон не се исполнети, особено во делот што се однесува на контролата врз иранската нуклеарна програма. Според извори од Блискиот Исток, воените структури на САД и Израел интензивно се подготвуваат за евентуално продолжување на нападите врз Иран уште во текот на следната недела. Одлуката за можната воена кампања, за која се проценува дека би траела од неколку дена до неколку недели, би можела да се донесе многу брзо, веднаш по враќањето на Трамп од Кина каде треба да ги собере своите советници.
Плановите на американската администрација во оваа фаза не предвидуваат долготраен конфликт со цел соборување на иранската влада, туку се фокусирани на прецизни и ограничени цели. На маса се опциите за таргетирање на клучната инфраструктура, како што се електраните и мостовите. Дополнително, се разработуваат и сценарија за копнени операции со кои би се преземал надзорот над главните терминали за извоз на нафта на островот Харк во Персискиот Залив, или пак директно одземање на резервите од околу 440 килограми ураниум збогатен до 60 проценти што во моментов ги поседува Иран.


