Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со прибирање докази во истрагата за двете разбојништва со смртни последици што се случија во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, а за четворицата осомничени денеска ќе биде побаран нов краткотраен притвор од 48 часа.
Се преземаат дејствија за прибирање докази, јавниот обвинител до судот денеска ќе достави предлог за определување нов краткотраен притвор од 48 часа – информираа од Обвинителството.
Случајот го привлече вниманието на јавноста откако на 28 октомври Министерството за внатрешни работи соопшти дека беа уапсени четири лица: А.С. (22), Х.Е. (20), К.А. (58), сите од Скопје, и М.Р. (26) од Струмица. Тие се сомничат за две кривични дела „разбојништво“ со последица смрт, извршени на 22 октомври во Хром и на 27 октомври во Ѓорче Петров.
Од МВР тогаш соопштија дека приведувањата биле реализирани во координација со ОЈО Скопје и по издадени наредби од обвинителството, со цел обезбедување и комплетирање на доказниот материјал за натамошната постапка.

