Во Франција за прв пат е поднесен официјален парламентарен предлог со кој се бара повлекување на земјата од НАТО алијансата. Иницијативата е покрената од Клеманс Гет, потпретседателка на Националното собрание и членка на левичарската партија „Неосвоена Франција“ (LFI).
Резолуцијата со која се бара раскинување на односите со западниот воен сојуз доаѓа во период на зголемени сомнежи за улогата на САД во европската безбедносна политика. Како што пренесува „Берлинер Цајтунг“, иницијаторите сметаат дека сегашниот правец на Алијансата не соодветствува со француските стратешки интереси.
Според Гет, политиките на САД покажуваат дека Вашингтон „ефикасно ѝ доделува на ЕУ статус на вазална држава“. Таа во своите образложенија ги наведува американските потези кон Венецуела, Гренланд, како и санкциите против европски претставници и наметнувањето трговски договори.
Левичарската пратеничка верува дека членството во НАТО ја изложува Франција на стратешки ризик и постои реална опасност земјата да биде вовлечена во конфликти кои не се во нејзин интерес.

