Истанбул погоден од 300 последователни потреси, сеизмолозите очекуваат уште еден силен земјотрес

 


Серија земјотреси го погодија Истанбул и денеска, а турската агенција за катастрофи АФАД извести за речиси 300 последователни потреси, од кои еден бил со јачина од 4,6 степени.

Од вчерашниот силен земјотрес, кој беше со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, АФАД забележа уште стотици земјотреси по должината на тектонските раседи во Мраморното Море.

Министерот за здравство Кемал Мемишоглу изјави дека 236 лица се повредени, од кои 173 во Истанбул. Петнаесет од нив морало да бидат хоспитализирани, а некои се повредени панично скокајќи од зградите.

Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека нема извештаи за урнати згради. Министерот за урбан развој Мурат Курум објави дека 12 згради се евакуирани како мерка на претпазливост.

Сеизмолозите и геолозите цитирани во турските медиуми, генерално, се согласуваат дека сè уште се очекува голем земјотрес. Иако не е познато кога би можело да се случи, експертите предвидуваат дека би можел да достигне магнитуда 7,4, а некои дури проценуваат и потенцијална магнитуда од 7,7.

Турција се наоѓа во еден од сеизмички најактивните региони во светот.

Локалните медиуми објавуваат дека жителите ја поминале ноќта во паркови и на отворени простори поставувајќи шатори наместо да се вратат во своите домови. АФАД ги повика луѓето да избегнуваат потенцијално небезбедни згради предупредувајќи дека последователните потреси би можеле да траат некое време.

24.04.2025 - 14:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега