Шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, во телефонски разговор со иранскиот колега Сејед Абас Арагчи ја нагласил клучната важност на слободата на пловидба и безбедноста на поморскиот сообраќај, соопштија од грчкото МНР.
Арагчи го информирал грчкиот министер за актуелните случувања во регионот, со посебен фокус на преговорите меѓу Иран и Оман кои се однесуваат на Ормуската Теснина. Двајцата соговорници разговарале и за односите и ставовите на Европската Унија кон Иран, при што се согласиле да ги задржат отворените канали за комуникација преку нивните новоназначени амбасадори.
Според соопштението од иранското МНР, Арагчи ја потврдил решеноста на својата земја да ги брани сопствените национални интереси и безбедност. Тој посочил дека тековната небезбедност во Ормуската Теснина е резултат на воената агресија врз Иран.
„Актуелната небезбедност во Ормуската Теснина е директна последица на воената агресија што ја изврши САД и ционистичкиот режим против Иран и меѓународната заедница мора да ги повика на одговорност агресорот и страните што го прекршуваат меѓународното право“, истакнал Арагчи.
Иранскиот министер се осврнал и на односот на ЕУ, отфрлајќи ги интервенционистичките изјави насочени кон Иран под изговор за човековите права.
„Со сопствените постапки во областа на човековите права, Европската Унија нема морална основа да им држи лекции на другите“, нагласи Арагчи, обвинувајќи ја Унијата за двоен стандард и лицемерен пристап поради поддршката за израелската политика и случувањата во Палестина, Либан и Иран.
Од иранското МНР информираа дека грчкиот министер ја изразил својата поддршка за сите дипломатски напори кои водат кон намалување на тензиите во регионот, истакнувајќи ја подготвеноста на Грција да понуди техничка и стручна помош.


