Во пресрет на новата академска година, факултетите во земјава ќе понудат за 2.000 места помалку за бруцоши. Одлуката е насочена кон усогласување на бројот на студенти со реалните потреби на пазарот на трудот, поради што најголеми кратења се направени кај насоките каде што веќе има суфицит на кадри.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во интервју за МИА појасни дека фокусот при намалувањето на квотите бил ставен на административните и општествените науки.

„Повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидејќи таму се појавува поголем број невработени, во медицинските струки“, изјави Јаневска.

За разлика од нив, квотите за техничките и информатичките студии, како машинството и градежништвото, остануваат речиси непроменети. Според министерката, ова е логичен чекор бидејќи станува збор за сектори каде што вработливоста на дипломираните студенти достигнува високи 98-99 проценти.

И покрај редукциите, Јаневска е уверена дека секој студент ќе успее да го пронајде своето место на саканиот факултет.

Во меѓувреме, министерката се осврна и на блокадата во Собранието околу трите закони за високо образование и наука, за кои опозицискиот албански блок бара примена на Бадентеровиот принцип. Јаневска упати апел за надминување на политичките пречки, нагласувајќи дека станува збор за реформи од исклучителна важност за младите.

„Сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно“, порача Јаневска.

Очекувањата се дискусијата за овие законски решенија да продолжи кон крајот на месецов.

Exit mobile version