Иран поседува повеќе типови балистички ракети со среден дострел кои можат да достигнат цели на територијата на Украина, пишува порталот „Дифенс експрес“. Анализите за воените капацитети на Техеран доаѓаат по најавите за одмазда поради наводниот украински напад врз ирански брод во Каспиското Море.
Според „Дифенс експрес“, иранскиот арсенал ги вклучува балистичките системи „Гадр“, „Емад“, „Сеџил“ и „Хорамшахр“, чиј оперативен дострел се проценува од 2.000 до 4.000 километри. Најмоќниот систем меѓу нив е „Хорамшахр“, кој во варијанта од 2.000 километри може да носи боева глава со тежина од 1.500 килограми, а развиена е и кластерска верзија.
Во публикацијата се наведува дека за пресретнување на ваквите ракети се потребни напредни противракетни системи како THAAD, „Ероу-2“ или „Ероу-3“, додека системот „Патриот“ има поограничени можности кои зависат од брзината и профилот на летот на ракетата.
Експертите дополнуваат дека иранските залихи на балистички ракети се намалени по претходните напади врз Израел, како и по израелските и американските удари врз иранската воена инфраструктура, лансери и производствени погони.
Тензиите меѓу Киев и Техеран ескалираа откако Украинската безбедносна служба објави дека погодила руски бродови во Каспиското Море, за кои тврди дека транспортирале воен товар од Иран. При нападот на иранскиот трговски брод загина еден член на екипажот, а еден беше ранет.
Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, изјави дека овој настан нема да помине без реакција.
„Не може да остане без одговор“, изјави Арагчи, опишувајќи го нападот како кршење на Повелбата на Обединетите нации.
Во објава на социјалните мрежи, Арагчи исто така го обвини Израел дека го поттикнал нападот со цел да ја „вовлече Европа во својата војна“.


