Собранието денеска ја започнува 104. собраниска седница, на чиј почеток како прва точка е интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Пратениците треба да се изјаснат и за потребата од носење на повеќе закони по скратена постапка и во прво читање, како и за Предлог-кодексот за етичко однесување на пратениците.

Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група предводена од СДСМ, со образложение за сомнежи за системска корупција во ресорот, за случаи на апсења на високи функционери поради примање мито, како и за наводно загрозување на јавниот интерес и суспензија на ИПАРД 3 програмата. Од опозицијата се наведува и дека политиките во секторот водат кон ризик од селективна и нетранспарентна распределба на јавните средства на штета на земјоделците.

На дневен ред се околу 40 точки, меѓу кои избор и разрешувања на членови во повеќе собраниски и државни тела, како и одлуки поврзани со комисии, советодавни и надзорни органи, меѓу кои Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, Државната комисија за спречување на корупцијата, Советот за граѓански надзор и Судскиот совет.

Пратениците ќе расправаат и за голем број законски предлози во прво читање, меѓу кои закони од областа на судството, јавната администрација, медиумите, енергетиката, земјоделството, игрите на среќа, оружјето, тутунските производи, данокот на додадена вредност и други.

По скратена постапка се предлага донесување на повеќе законски решенија, меѓу кои и измени поврзани со управување со конфискуван имот, електронски комуникации, Судскиот совет, судовите, технолошко-индустриските развојни зони, енергетска ефикасност, земјоделски политики, урбанистичко планирање и други области.

На седницата е предвидено да се разгледа и Предлог-стратегијата за изменување и дополнување на Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за периодот 2021–2031 година.

Exit mobile version