„Институциите немаат слух за нашите барања“ - И студентите ќе протестираат заедно со средношколците

„Студентски Отпор“ се приклучува кон протестот на средношколците, што ќе се одржи в петок од 12:30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН),

Од студентското движење велат дека крајно време е студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите.

„Ништо од она што беше ветувано од страна на МОН и Владата не е остварено, односно имаме: Нетранспарентно договарање на цената за субвенциониран студентски оброк од 140 денари кога сите знаеме колкава е инфлацијата и дека таа сума е деградирачка; Континуирано доцнење на исплатата на студентскиот оброк; Неодговарање на апликациите за студентски оброк; Доцнење на исплата на стипендиите на студентите; Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани кровови; Неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови; Труење со храна и мизерен оброк во студентските домови; Континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе“, велат од движењето.

Најавуваат дека масовно ќе се приклучат кон протестот заедно со средношколците и подготвени се правдата да ја бараат со искажување на нивниот став преку масовни студентски демонстрации.

Претходно, организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) го најави протестот на Фејсбук.

„Имајќи ги предвид актуелните прашања околу средношколскиот и студентскиот стандард (државна матура, субвенциониран студентски оброк и слично), ги покануваме студентите да се придружат на протестот во петок од 12.30 часот пред МОН за заедно да издејствуваме подобрување во образовниот систем. Овие неколку години, како учесници во образовниот систем, се соочивме со голем број предизвици за кои вреди да се дискутира и да се лобира кај надлежните“, најавија од ОДАС.

16.03.2023 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа