Во Скопје денеска ќе биде потпишана Декларација за намери за превенција на насилството кај младите, во рамки на Националната работна група предводена од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на ОБСЕ.
Настанот ќе започне со обраќања на претставници на институциите и партнерските организации, по што ќе следува официјалното потпишување на Декларацијата. Предвидена е и панел-дискусија на тема „Превенција на насилството кај младите: институционални и заеднички одговори и улогата на младите“.
Со Декларацијата се предвидуваат заеднички активности насочени кон создавање безбедна средина за младите, преку развој на услуги за поддршка, промоција на ненасилна комуникација, превенција на насилството во спортот, унапредување на дигиталната безбедност, заштита на менталното здравје и обезбедување психосоцијална поддршка.
Документот, исто така, ја нагласува потребата од поголемо вклучување на младите во процесите на донесување одлуки, како и зајакната координација и отчетност меѓу надлежните институции.


