Инстаграм воведува нова функција, корисниците ќе се разочараат

Инстаграм тестира „рекламна пауза“ што ве принудува да паузирате и да гледате реклама некое време пред да продолжите да се движите низ вашиот “feed”.


Откако самите корисници на социјалната мрежа забележаа дека во апликацијата Инстаграм почнаа да се појавуваат реклами што не може да се прескокнат, платформата официјално потврди дека ја тестира функцијата наречена „рекламна пауза“.

Новиот тип на рекламирање прикажува тајмер над рекламата, кој, додека не истече, ги спречува корисниците да продолжат да скролаат. Со други зборови, Инстаграм тестира сличен модел што корисниците го гледаат на платформата “YouTube” со години.

Кога корисниците ќе ја допрат иконата за повеќе информации за функцијата, Инстаграм прикажува порака која вели: „Паузите за реклами се нов начин за гледање реклами на Инстаграм. Понекогаш можеби ќе треба да погледнете реклама пред да продолжите да скролате“.

„Ние секогаш тестираме формати кои ќе им дадат вредност на огласувачите“, изјави портпаролот на компанијата за “TechCrunch”. „Бидејќи сè уште тестираме и учиме, ќе ја известиме јавноста доколку резултатите од тестот доведат до официјални промени на производот“.

Инстаграм веќе прикажува спонзорирани објави и реклами помеѓу содржините низ кои се движите.

Останува непознато колку луѓе може да ги видат рекламите што не се прескокнуваат, и како и кога ќе заврши тестирањето. Меѓутоа, доколку новата функција стане постојан дел од официјалната апликација, нема сомнеж дека тоа ќе биде многу непопуларен потег.

Многу корисници гласно се пожалија на овие промени преку различни социјални мрежи и форуми. Додека некои велат дека ќе ја затворат апликацијата секогаш кога ќе видат реклами за „рекламна пауза“, други се закануваат дека ќе го намалат времето што го поминуваат на Инстаграм или целосно ќе престанат да го користат.

07.06.2024 - 15:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега