Игрите на среќа стануваат нов популистички мегдан за партиите

          Живееме во општество во кое сеуште владеат разни стереотипи. Додека во западниот свет, игрите на среќа се третираат како сосем вообичаен бизнис, овде насила се прави проблем, таму каде реално не постои. За жал, веќе подолг период индустријата на игри на среќа е цел на перманентна црна кампања во која за обложувалниците и автомат клубовите се прави слика дека се објекти каде има нелегални активности, во кои наводно влегуваш здрав, а излегуваш болен од зависност од коцкање. Критиките дека Северна Македонија се претворила во Лас Вегас, дека обложувалници и автомат клубови има на секој чекор, дека токму заради тоа се загрозуваат малолетниците и се заведува младината, има за цел секторот на игри на среќа да го направи „лепрозен“. Едноставно, се манипулира со јавноста преку ширење паника за некакво измислено зло, кое потоа се злоупотребува во дневната политика. Носител на оваа негативна кампања е неформалното здружение „Антикоцкање“ од Тетово, кое бара целосна забрана на оваа дејност и во континуитет врши притисок врз политичките партии да ги поддржат нивните ставови. Очигледно е дека перманентната политичка криза и дневните препукувања на политички партии влијаат и врз динамиката за измените во законот за приредувачите на игри на среќа. Аргументите се на наша страна, постоечката регулатива предвидува 100% заштита на малолетниците. Утврдување на некаква дистанца 500 метри од образовни институции не е решение за заштита на малолетниците. Бидејќи, истите пешачејќи или возејќи се во автомобил или автобус до училиштето каде посетуваат настава, повторно ќе поминуваат покрај објектите каде се организираат игри на среќа. Аргументот дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите магнетно ги привлекуваат малолетниците и наводно им создаваат навика за „коцкање“, и токму заради тоа треба да се дислоцираат на минимум 500 метри од образовните институции, се неодржливи и немаат допирна точка со реалноста. По истата логика ќе треба да се дислоцираат и тобаката и кафулињата за да младите не гледаат излози со цигари и алкохол. Предлогот за дислокација е многу тешко изводлив на терен. Бидејќи согласно постоечката инфраструктурна поставеност, одредено дистанцирање од едно училиште, ќе го приближи објектот до друго училиште. Така гледајќи, овој концепт е целосно промашен. Утврдувањето на било каква дистанца, „де факто“ значи целосно затворање на оваа индустрија и оставање на улица речиси 10 000 вработени. Државата ќе ризикува да изгуби околу 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа. Клучната дилема е која политичка партија е подготвена да преземе одговорност за последиците од укинување на цел економски сектор?

        Погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против законски измени, туку се противиме на нелогични, погрешни и политички мотивирани измени. Постоечката регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Без разлика дали станува збор за финансиска или безбедносна контрола. Секој апарат во автомат клубовите е 365 дена поврзан со УЈП, со што 24 часа се евидентираат сите уплати и исплати, во реално време. Од безбедносен аспект, кај нас не само што не смее, туку нашето обезбедување по службена должност спречува влез на малолетни лица. Досега не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми. Во нашите објекти се спроведуваат сите највисоки ЕУ и светски стандарди. Дури, во автомат клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање на секој играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа, веднаш да го контактира за стручна помош.

        Конечно, игри на среќа, постоеле и ќе постојат. Прашањето е дали државата ќе ги контролира или ќе се игра на црно. Според последното истражување, спроведено пред пандемијата со „Ковид-19“, во нашите објекти влегуваат најмногу 3% од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Во автомат клубовите и казината многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе кои претходно веќе играле, најчесто на запад и тука си ја пробуваат среќата. Дека затворањето на регуларниот економски пазар на игри на среќа ќе предизвика отворање на диви, нелегални играчници, постојат факти. Земјава веќе еднаш, во 2011, ја тресеше аферата „Детонатор“ во која полицијата тогаш во неколку градови на истокот заплени околу 1000 покер апарати кои беа доказ дека се одвивале игри на среќа на црно. Затоа клучното прашање е ако во цела ЕУ и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?

Колумна Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа АПИС

19.02.2022 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега