И скриените трошоците за кредитите ќе бидат достапни на веб страните на банките и штедилниците

 

Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка,банките и штедилниците ќе треба да ги вклучат информациите како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување/кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и слично. Ова го предвидуваат Насоките за поголема транспарентност и достапност на податоците за банкарските производи за граѓаните кои треба да се применуваат од август годинава.

Насоките ја утврдуваат содржината, обликот и начинот на објавување на податоците за најрепрезентативните кредитни и депозитни производи на банките и штедилниците за физички лица.

Предвидено е условите да се објавуваат на видно назначено место на веб-страниците на банките и штедилниците, како и централизирано на веб-страницата на Народната банка и да се ажурираат редовно од страна на банките и штедилниците, а најмалку еднаш во тримесечјето.

Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците.

Примената на Насоките е од  почетокот на август.

Насоките ги потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Македонска банкарска асоцијација (МБА), Маја Стевкова-Штериева.

– Преку спроведувањето на Насоките, коишто ги потпишавме со МБА, банките и штедилниците ќе почнат да ги објавуваат податоците за одделните банкарски производи во една стандардизирана форма, којашто ќе обезбеди поголема прегледност, споредливост на производите и воедно, поголема информираност на граѓаните. На овој начин, дејствуваме кон поголема заштита на потрошувачите, како и нивна едукација за одделни видови кредитни и депозитни производи, што ќе придонесе кон издржани одлуки за избор на производи коишто најдобро им одговараат на потребите на физичките лица – изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Претседателката на Македонска банкарска асоцијација Стевкова-Штериева рче дека банките и штедилниците коишто се членки на Македонската банкарска асоцијација се транспарентни економски субјекти коишто редовно објавуваат податоци за своето работење.

– Со воспоставувањето стандардизиран пристап при објавувањето информации за депозитните и кредитните производи за населението, во согласност со Насоките коишто ги потпишавме, ќе се придонесе за уште поголема транспарентност и најважно, полесна споредливост на банкарските производи – истакна Стевкова-Штериева.

16.07.2021 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега