Вработените во хотел „Фламинго“ Казино, како и голем број граѓани на Гевгелија вчера повторно демонстрираат хуманост при реализацијата на веќе шестата крводарителска акција организирана заедно со Општинската организација на Црвен крст Гевгелија.

Вкупно 76 крводарители се приклучија на акцијата, покажувајќи ја својата солидарност и посветеност кон спасување човечки животи.
„Шеста година по ред со големо задоволство во нашиот хотел ја реализираме оваа хумана активност во соработка со локалната организација на Црвениот крст. Нашите вработени и граѓани одговорија на повикот и успеавме да обезбедиме нови крвни единици за локалните здравствени установи. Воедно со поддршката на крводарителските акции сакаме да помогнеме во поттикнувањето на овој највисок чин на хуманост. Како општествено одговорна компанијата и во иднина ќе продолжиме да бидеме дел од донаторски и хуманитарни активности“, вели Елена Mинева од Хотел „Фламинго“ Казино.
Општинската организација на Црвен крст Гевгелија упати искрена благодарност до сите граѓани кои учествуваа во крводарителската акција и со својот хуман чин дадоа значаен придонес во обезбедување навремена помош за пациентите. Со својата поддршка, доброволните дарители уште еднаш ја потврдија важноста на принципот – крвта да биде достапна кога е најпотребна.
Од ОО на Црвен крст Гевгелија информираат дека успешната соработка со Хотел „Фламинго“ ќе продолжи и во иднина, со заедничка определба за поддршка на здравствениот систем и зајакнување на свеста за значењето на редовното крводарување.
Реализацијата на оваа акција претставува уште една потврда за општествената одговорност на Казино Хотел „Фламинго“, кој континуирано вложува во иницијативи насочени кон градење похумано, солидарно и одговорно општество.