Хрватска воведе енормно високи казни за непочитување на обврската за поднесување Ковид сертификати
Хрватскиот Парламент со мнозинство гласови ги изгласа промените на законот, со кои се воведуваат парични казни од 30.000 до 50.000 куни (од 4.000 до 6.700 евра) за одговорното лице кое не ја почитува обврската за поднесување ковид потврди во државните и јавните установи.
Седницата ја следеше помал протест на неколку стотици противници на измените на законот за заштита на населението од заразни болести, но и остар вербален судир на раб на физичка пресметка меѓу пратениците на опозициските партии од левиот и десниот политички блок. Додека од една страна, партиите од левиот центар, Социјалдемократската партија и Можеме, и нивните политички партнери, ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат, но го критикуваат тоа што власта на чело со Хрватската демократска заедница важните одлуки ги носи со обично, наместо со двотретинско мнозинство во Парламентот, десните партии, Мост и Татковинско движење, ги поддржуваат противниците на ковид потврдите и вакцинирањето.
Претседателот на СДП Пеѓа Грбин ги обвини Мост дека „паразитираат“ на пандемијата, повикувајќи ги да ги повикаат граѓаните на вакцинирање, а дека за возврат СДП ќе ги повика своите гласачи да ја поддржат иницијативата на Мост за референдум против ковид потврдите. На тоа остро реагираа пратениците на Мост, а некои станаа од своите места и му пријдоа на Грбин, но не се слушаше што му кажаа. Ситуацијата ја смири претседателот на Парламентот, кој подели низа опомени за опозициските пратеници.
Од Мост подоцна кажаа дека не сакале физичка пресметка и дека досега собрале околу 300.000 потписи за референдум против ковид потврдите и за регулирање на работата на Националниот штаб на цивилната заштита. За иницијативата да биде успешна, потребно е до 18 декември да соберат 370.000 потписи од граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа