Хрватската компанија ЦИОС – група од Загреб информира дека „Македонски железници – Транспорт“ АД Скопје должи 25 милиони евра, за кои државата Македонија гарантира со закон од 2004 година. Од компанијата нагласуваат дека време е да се постигне договор преку дијалог, со цел да се запре натамошното акумулирање на камати кои изнесуваат околу два милиони евра годишно.

Според соопштението, долгот потекнува од обврските на „МЖ – Транспорт“ кон „Хрватски железници – Карго“, регулирани со Договорот со Меѓународната железничка унија (UIC) од јуни 2004 година. Република Македонија, со Законот за гаранција објавен во „Службен весник“ бр. 83/2004, издаде државна гаранција за овие обврски.


Во 2010 година, компанијата ЦИОС – група на меѓународен тендер ги откупи сите побарувања на „ХЖ – Карго“ кон железничките компании од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ и Албанија) во вкупен износ од 44,6 милиони евра. Со сите земји, освен со Македонија, ЦИОС постигнал спогодбено порамнување. „Македонски железници – Транспорт“ официјално биле известени за промената на доверителот во 2011 година од страна на „ХЖ Карго“ и Меѓународната железничка унија (UIC).

„Време е за фер договор“

Претседателот на Управниот одбор на ЦИОС Група, Рафаел Клеменс Барт, изјави дека компанијата останува отворена за разговори:


„Основниот долг, во износ од околу 3,85 милиони евра, до крајот на 2023 година порасна на повеќе од 25 милиони евра со камати. Секоја година се додаваат околу 2 милиони евра нови камати, едноставно затоа што нема порамнување. Веќе 15 години, моите претходници во CIOS Група бараат дијалог и преговори, но институциите не покажаа иницијатива. Сепак, остануваме посветени на фер и одржливо решение – преку вонсудско порамнување“, вели Барт.

Каматата расте секоја година

Од компанијата објаснуваат дека каматата се пресметува според Кодексот 311 на Меѓународната железничка унија, кој применува месечна стапка на Еурибор зголемена за 5%. Од 2000 година наваму, се користи Еурибор објавен од Европската централна банка.

Долгот, кој во 2009 година изнесувал околу 4 милиони евра главнина, поради долгогодишна неактивност и недостиг на договор со македонските влади, нараснал на повеќе од 25 милиони евра.

Апел до институциите

ЦИОС – група истакнува дека секој дополнителен месец без порамнување значи нов раст на каматата за околу два милиони евра годишно. Компанијата упатува апел за отворање институционален дијалог и вонсудско решавање на спорот, во интерес и на Република Македонија и на страната доверител.

Exit mobile version