Грчките земјоделци продолжуваат со масовните протести, поставувајќи над 50 блокади низ целата земја, вклучувајќи ги и сите гранични премини кон Македонија, Бугарија и Турција. Најсериозен инцидент е забележан на островот Крит, каде аеродромот во Ираклио беше затворен до рано утрово поради упад на демонстранти, јави дописничката на МИА од Атина.
- ГП Евзони (Богородица): Најавени се нови блокади денеска во два термина: од 12:00 до 16:00 часот и попладне од 18:00 до 22:00 часот по локално време. Одлуката не важи за грчките камиони кои ја напуштаат земјата. Блокот кај Евзони е поставен со над 300 трактори.
- ГП Ники (Меџитлија): Закажана е четиричасовна блокада која стартува од 10:00 часот по локално време, според грчката новинска агенција АНА-МПА.
На Крит, ситуацијата ескалираше. Во градот Ираклио, земјоделците се судрија со полицијата на патот кон аеродромот, го пробија полицискиот кордон и упаднаа на пистата. Аеродромот беше затворен од доцна синоќа до рано утрово, со откажани летови. Инциденти во обид да стигнат до аеродромот имаше и во Ханија.
Протестите, кои започнаа на 30 ноември, се поради зголемените трошоци за производство и ниските продажни цени. Главното барање е исплата на заостанатите субвенции и покривање на трошоците за производство. Главниот блок на земјоделците е во централна Грција, кај Никеа во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, каде што сообраќајот се пренасочува.
На некои локации, земјоделците поставија новогодишни елки, што се толкува како порака дека нема да отстапат и дека се подготвени празниците да ги поминат на улица. За утре е најавен протест и блокада на пристаништето во Волос.

