Хамас се откажа од клучни барања, сѐ поблиску е договорот за ослободување на заложниците

Хамас се откажа од некои од своите клучни барања во преговорите за договор за заложници и прекин на огнот во Газа, откако Израел тврди дека нивната претходна позиција била „луда“.

Тоа би можело да биде позитивен потег на двете завојувани страни кон договор што конечно би можел да доведе до примирје и ослободување на израелските заложници, според два упатени извори, пренесува CNN.

„Главните пречки се отстранети во однос на инсистирањето на Хамас за целосно повлекување на израелските сили и крај на војната“, изјави висок претставник на администрацијата на Бајден по состанокот во петокот во Париз меѓу шефовите на разузнавачките служби на САД, Египет, Израел и катарскиот премиер.

„Барањата на Хамас за бројот на Палестинците кои треба да бидат ослободени се намалија“, додаде функционерот.

Дипломатски извор запознаен со разговорите потврди дека Хамас го омекнал својот став пред да се договори за првата фаза од договорот, иако се очекуваат попредизвикувачки пречки да се појават подоцна кога ќе се разговара за сложени прашања како што е ослободувањето на израелските воени затвореници од страна на Хамас и самиот крај на конфликтот.

Изворите велат дека договорот најверојатно ќе се спроведува во неколку фази и дека по постигнувањето првичен договор, може да доведе до шестнеделно примирје со ослободување на група израелски заложници, вклучувајќи жени, деца, стари лица и болни , во замена за помалку палестински затвореници отколку што првично барал Хамас.

Но, во втората фаза се очекува преговорите да се комплицираат.

За време на примирјето, ќе се водат преговори за почувствителни теми, како што се ослободувањето на израелските војници кои се држат како заложници, палестинските затвореници кои отслужуваат долги казни, повлекувањето на силите на ИДФ и траен прекин на војната и конечно прашањето за решавање на идните односи меѓу Израел и Палестина.

Израелските лидери јасно ставија до знаење дека имаат намера да започнат воена офанзива врз Рафа, додека во претходниот предлог Хамас рече дека сака да ја искористи втората фаза за да разговара за „прашањата за продолжување на заедничкиот прекин на воените операции“.

Тимовите на земјите кои се состанаа во петокот во Париз денеска повторно се сретнале во Доха за подетално да разговараат за плановите за преговорите, што секако е знак за напредок.

Разговорите во Париз „минаа добро“, изјавил висок претставник на администрацијата. „Сега сѐ е на техничко ниво, мислам дека можеме да постигнеме договор“, изјавил функционерот.

26.02.2024 - 22:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега