Службената електронска адреса на главниот државен ревизор Максим Ацевски била цел на безбедносен инцидент, при што од неа биле испраќани неовластени пораки до повеќе приматели.
Ацевски преку официјално соопштение ги повика сите што добиле порака од неговата адреса maksim.acevski@dzr.gov.mk да ги игнорираат и веднаш да ги избришат мејловите во кои се бара внесување на корисничко име, лозинка или други лични податоци.
„Доколку сте кликнале на линк или сте внеле податоци, ве молам веднаш променете ја лозинката на вашата електронска пошта и известете ја вашата ИТ-служба“, се наведува во соопштението.
Главниот државен ревизор информира дека надлежната ИТ-служба во Државниот завод за ревизија брзо реагирала и сметката веќе е обезбедена.
Тој дополнително им препорача на сите корисници превентивно да ги променат своите лозинки за заштита од дополнителни злоупотреби.
„Се извинувам за евентуалната непријатност и ви благодарам за разбирањето“, порачува главниот државен ревизор Максим Ацевски.


