Хакери од Македонија направиле хаос во пребројувањето на гласови по изборите во Венецуела

Јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, најави кривична истрага против лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо, обвинувајќи ја дека со уште две лица координирала компјутерски напад врз Националниот изборен совет (ЦНЕ) од Македонија на вчерашните претседателски избори во земјата.

На прес-конференција Сааб рече дека неговата канцеларија пронашла прелиминарни докази за наводен обид за саботажа на изборниот систем на ЦНЕ што доаѓа од Македонија, а зад која покрај Мачадо стоеле и „бегалците од правдата“ Лестер Толедо и Леополдо Лопез.

Ова предизвика „забавување“ во системот за пренос на податоци и во објавувањето на резултатите од претседателските избори, нагласи обвинителот, објаснувајќи ја со тоа огромната разлика во резултатите што ги објавија двата табора на изборите.

Според власта, со 51 процент добиени гласови реизбран е актуелниот претседател Николас Мадуро, кој ја води земјата веќе 11 години, а кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалез Урутија освоил 44 отсто.

Опозицијата, пак, тврди дека ситуацијата е обратна, односно за Гонзалез Урутија гласале 70 проценти од избирачите што излегоа на гласачките места.

30.07.2024 - 09:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега