Американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи можноста Соединетите Американски Држави да се повлечат од НАТО, откако разговорите меѓу претставници на Данска, Гренланд и САД за иднината на Гренланд завршија без договор.

Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп изјави дека Гренланд е „исклучително важен“ за националната безбедност на САД, нагласувајќи дека секое решение што не подразбира американска контрола врз островот е „неприфатливо“, објави магазинот Тајм.

На ваквите изјави остро реагираше Данска, оценувајќи дека станува збор за фундаментално несогласување меѓу двете сојузнички земји. Како одговор, Копенхаген најави проширување на своето воено присуство на и околу Гренланд, додека неколку европски сојузници, меѓу кои Шведска и Германија, ветија дополнително воено ангажирање во регионот. Данската влада порача дека безбедноста на Гренланд претставува заедничка одговорност на целото НАТО.

Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, предупреди дека Арктикот станува сè поважен во геополитичка смисла, особено поради зголемениот интерес и активност на Русија и Кина. Според него, во рамки на НАТО веќе се водат разговори за зајакнување на безбедносното присуство во овој стратешки регион.

Иако Трамп и претходно остро ја критикуваше Алијансата поради, како што тврди, недоволните одбранбени трошоци на европските сојузници, правните експерти предупредуваат дека евентуално повлекување на САД од НАТО би било и правно и политички исклучително сложено.

Законот за овластување за национална одбрана од 2024 година му забранува на американскиот претседател еднострано да ја напушти Алијансата без одобрување од Конгресот, што, според аналитичарите, би можело да отвори сериозна уставна криза.

Сепак, и самото отворање на прашањето за повлекување на САД од НАТО веќе ја нарушува довербата и кохезијата во рамки на Алијансата и ја зголемува неизвесноста околу иднината на трансатлантските односи.

Exit mobile version