Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Данска се наоѓа во „судбоносен момент“, по пораките на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД би можеле да преземат дејствија во врска со Гренланд, дури и без согласност на Копенхаген и гренландските власти, пренесува „Гардијан“.

Обраќајќи се на политички собир во неделата, Фредериксен порача дека земјата се наоѓа на раскрсница и дека во прашање е самата суштина на сојузништвото во НАТО. Таа оцени дека проблемот не е само статусот на Гренланд, туку и пораката што ја испраќаат Соединетите Американски Држави доколку се закануваат на сопствен сојузник.

Според неа, доколку ваквото однесување претставува свртување грб на западната алијанса, тоа би имало далекусежни последици за целокупната безбедносна архитектура во Европа.

Изјавите доаѓаат во пресрет на најавените средби на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот државен секретар Марко Рубио, кои се оценуваат како клучни за идниот тек на односите.

Во петокот, Трамп изјави дека САД ќе преземат чекори во врска со Гренланд „без разлика дали тоа им се допаѓа или не“, додавајќи дека постојат „добар и потежок начин“ за решавање на прашањето. Американската администрација досега не ја исклучи можноста за употреба на сила, иако Данска и Гренланд се дел од НАТО.

Како реакција на ваквите изјави, гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен, заедно со лидерите на сите парламентарни партии, објави заедничка изјава во која порачаа дека иднината на Гренланд не е предмет на надворешни одлуки.

Во соопштението се наведува дека Гренландците не сакаат да бидат ниту Американци, ниту Данци, туку дека сакаат самите да одлучуваат за својата иднина.

Фредериксен нагласи дека Данска ќе продолжи да ја брани својата позиција и дека по прашањето за Гренланд нема простор за отстапки, додавајќи дека Копенхаген добил поддршка од повеќе земји-членки на НАТО.

Поддршка за Данска изрази и шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој оцени дека заканувачката реторика кон сојузници е неприфатлива. Во исто време, Шведска најави дополнителни инвестиции во воздушната одбрана, оценувајќи дека безбедносната состојба во Европа се влошува.

Exit mobile version