Користењето мобилен телефон додека возите станува една од главните причини за сообраќајни несреќи низ целиот свет, а грчките власти сега ги казнуваат прекршителите со многу високи казни. Новиот Закон за безбедност во сообраќајот во Грција, кој стапи во целосна сила минатиот септември, воведува построги мерки за оние кои прават сериозни и опасни сообраќајни прекршоци.

Експертите предупредуваат дека возачите кои држат телефон во рака додека возат реагираат половина секунда побавно од останатите. Таа разлика од половина секунда значи 14 метри поголемо растојание на запирање при брзина од 110 км/час.

И покрај постојаните кампањи и јасниот ризик, овој прекршок сè уште се евидентира многу често. Затоа новата регулатива повеќе не остава простор за толеранција. За разлика од претходно, кога беше предвидена само забрана за возење од два месеци, сега казната може да достигне и до 4.000 евра, заедно со одземање на возачката дозвола до осум години.

Особено е важно туристите од Македонија да знаат дека грчката полиција ги третира овие прекршоци многу сериозно. Контролите се засилени на патиштата до популарните одморалишта, а правилата важат за сите, без никакви исклучоци.

Користењето мобилен телефон при возење се казнува по следниот редослед:

  • Прв пат: 350 евра и одземање на возачка дозвола за 1 месец
  • Втор пат: 1.000 евра и одземање на возачка дозвола за 6 месеци
  • Трет пат: 2.000 евра и одземање на возачка дозвола за 1 година

Доколку се случи сообраќајна несреќа поради употреба на телефон, предвидени се затворски казни и драстично поголеми санкции:

  • Прв пат: 350 евра и одземање на дозволата за 1 месец
  • Втор пат: 2.000 евра и одземање на дозволата за 4 години
  • Трет пат: 4.000 евра и одземање на дозволата за 8 години

Законот предвидува и екстремни затворски мерки. Доколку користењето на телефонот при возење доведе до тешка телесна повреда, затворската казна може да биде до 10 години, додека во случај на смрт, казната може да достигне до 20 години затвор. Доколку се повредени голем број луѓе, предвидена е доживотна казна затвор.

За секој што планира патување со автомобил до Грција, најважно е да знае дека ваквите прекршоци се строго контролирани и дека казните навистина се применуваат на лице место.

Exit mobile version