Граничниот премин Евзони кон Северна Македонија денеска повторно ќе биде блокиран од грчките земјоделци. Блокади за сообраќајот на сите возила се планирани во периодот од 12 до 16 часот по локално време, како и попладнево од 18 часот.

Паралелно, блокада ќе има и на граничниот премин Ники, но таму сообраќајот ќе биде во прекин само за товарни возила во периодот од 19 до 23 часот, соопшти грчката новинска агенција АНА-МПА.

Земјоделците во Грција продолжуваат со протестите и блокадите низ целата земја, откако ја одбија поканата за средба со грчкиот премиер закажана за попладнево. Наместо средба, своите барања писмено ги испратија до Владата.

Според АНА-МПА, денеска се планирани и блокади на другите гранични премини, вклучувајќи ги Промахонас и Ексохи кон Бугарија, каде што исто така ќе биде прекинат сообраќајот за товарни возила.

На Евзони, протестите започнаа пред две седмици, на 1 декември, кога земјоделците од регионот Пеонија и од градот Јаница пристигнаа со своите трактори. Околу 300 трактори остануваат паркирани на грчката страна на границата.

Главниот блок на автопатите низ Грција е во централниот дел на земјата, кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, што е затворен, а сообраќајот се пренасочува по споредни патишта.

По состанокот одржан во саботата, земјоделците ги објавија своите барања кои ги доставија до Владата:

  • Итна исплата на сите долгови што им ги должи државата.
  • Гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство.
  • Намалување на трошоците за производство.
  • Надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под трошоците за производство.
  • Запирање на масовните увози и лажно прикажување како домашни на странските земјоделски производи.
  • Итно двојно зголемување на земјоделските пензии.

Протестите, кои започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, се фокусираат и на скандалот со ОПЕКЕПЕ (европските земјоделски субвенции). Тие бараат да се вратат и распределат украдените средства на вистинските корисници, земјоделците да не ги плаќаат казните, како и „да се утврдат политичките и кривичните одговорности и јавно да се објават имињата“.

Exit mobile version