Градоначалникот на Дојран демантира еколошки инцидент: Угинатите риби се резултат на мрестење

 


Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, ги демантира вчерашните информации дека на брегот на Езерото, на потегот од Нов до Стар Дојран, се појавила бела пена, мртви риби и ракови. Според него, не станува збор за некаков еколошки инцидент, туку секоја година, пред почетокот на сезоната, се појавуваат такви дезинформации за да му се наштети на Дојран.

-Во овој период рибата се мрести и примероци од неа, кои не можат да се измрестат, едоноставно угинуваат, односно пукаат, бидејќи не можат да ја исфрлат икрата. Квалитетот на водата постојано се испитува и е со добар квалитет, а со изградбата на Пречистителната станица, која набргу ќе ја пуштиме во употреба, квалитетот на водата во Езерото ќе биде уште подобар, изјави за МИА Ангов.

Според жители на Дојран, кои се занимаваат со риболов, угинатата риба е од видот караш и тоа се случува секоја година примероци од неа да завршат на брегот заради немоќност да ја исфрлат икрата, заради повреди нанесени од птици или пак од раните кои една со други си ги нанесуваат во фазата на мрестот. Додаваат дека тоа не се случува со другите видови риба, туку само со карашот, кој не е автохтон за Дојранското Езеро, додека за појавата на бела пена на брегот велат дека таа се создава од брановите.

Инаку, последните денови нивото на водата на Езерото постајано се зголемува заради полнењето по природен пат и од Хидросистемот „Ѓавато“. Според вчерашните мерења на УХМР нивото на водата е 52 сантиметри под договорениот минумум, што во споредба со декември лани е за 17 сантиметри повеќе. 

10.04.2025 - 10:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега