Жителите на Општина Гостивар ќе бидат ослободени од плаќање на фактурите за вода за пиење за изминатиов месец, одлучи Општинскиот совет на денешната седница. Иницијативата беше поведена како мерка за ублажување на последиците од кризната состојба и епидемијата кои траеа еден месец.
На седницата беше образложено дека се разгледувале опции за ослободување од обврската за плаќање за повеќе месеци. Според претседавачот на советот, Ваљдет Џафери, тоа би било за два или три месеци, но таквата одлука би требало и реално да се спроведе.
Првиот човек на ЈП „Комуналец“, Алмир Даути, појасни дека вонредната состојба со водоснабдувањето траела еден месец и смета дека ослободување од плаќање е доволно да биде за еден месец и тоа да биде за август.
Во однос на проблемите со редовното снабдување со вода во населбите Дебреше, Грудајца, Фазанерија и Циглана, одговорните од ЈП „Комуналец“ посочија дека на првата наредна седница ќе ги претстават плановите за надминување на состојбите.


