Вкупно 16 пожари на отворен простор се регистрирани на територијата на државата денеска до 13 часот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според последните податоци на надлежните служби, девет од пожарите се сè уште активни, четири се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати.
Активни жаришта има на потегот меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци во Општина Струга, кај селото Белица и кај селото Бенче во Општина Македонски Брод, како и во атарот на селото Кнежино на месноста Црн Камен во Кичевско.
Огнот е активен и кај селото Гајре во Тетовско, во атарот на селото Палатица во Општина Желино, кај селата Печково и Падалиште во Гостиварско, како и кај селото Долгаец во Општина Долнени.
Под контрола на противпожарните екипи се ставени огнот кај селото Тајмиште во Кичевско, кај селото Копаница во Општина Сарај, на градската депонија во Делчево и кај селото Брест на месноста Рамно во Општина Чучер-Сандево.
Во текот на денот беа изгаснати три пожари, и тоа кај селото Ситник во Општина Ново Село, во близина на Новите гробишта во Прилеп и кај Градските гробишта во Крушево.

