Горан Милевски: За Скопје ќе имаме свој кандидат за градоначалник

Ова се локални избори и немаат никаква поврзаност со парламентарните и со нашето учество во Владата. Уморени сме од битката на големите партии кои кон локалните избори се однесуваат како кон парламентарни, ја подигнуваат атмосферата и создаваат состојба во која локалните избори се третираат како своевиден референдум за доверба или недоверба на Владата, ги заплашуваат граѓаните со апокалиптични сценарија за Македонија, нудат високи лажни ветувања кои потоа се претвораат во големи разочарувања, вели Горан Милевски, претседател на ЛДП во интервју за Прес24. 

Вели дека новата коалиција со ДОМ и самостојниот настап на локалните избори  е да се иницираат нормални избори, каде фокус на дебатата ќе бидат локалните проблеми на граѓаните, решавање на нивните секојдневни потреби и промена на начинот на водење на локалната политика.

-Во Владата има и други партии кои ја сочинуват владината коалиција. И тие имаат министри, но ќе настапат самостојно на следните локални избори. Незнам зошто за нив би било логично и нормално да настапат самостојно, а за нас да има нејаснотии и забуни во врска со нашата одлука за самостоен настап. И малку е контрадикторна целата работа. Обично се обвинуваат малите партии дека се терет и се шлепаат на големите партии, но кога малите ќе одлучат да настапат самостојно, надвор од големи коалиции, тогаш се отвораат многу дилеми и нејаснотии, па дури и негативно се гледа на нивата одлука, кај истите луѓе кои до вчера тврдеа дека малите партии се непотребни и терет во големите коалиции, вели Милевски за Прес24.

За Скопје, движењето ќе има свој кандидат за градоначалник.

-Како партија која 8 години успешно го водела Скопје, под водство на нашиот поранешен претседател, Ристо Пенов ние имаме морална обврска на
жителите на Скопје да им понудиме личност која знае и може успешно да го води градот следните 4 години, вели Милевски.

ЛДП и ДОМ сметаат дека идејата за праг од 3% за советничките листи, од бројот на запишани гласачи е превисок и затоа предлагаат друга алтернатива.

-Ние предлагаме прагот да биде процент од освоените гласови на советничката листа на секоја партија, бидејќи советниците се натпреваруваат помеѓу себе во рамките на една листа на политичка партија или независна листа. Ако некој има доверба од 2550 граѓани, тој ќе си направи сопствена листа и ќе освои два советника при што неговото влијание во Советот ќе биде далеку поголемо, вели Горан Милевски, Претседател на ЛДП во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24:  Со ДОМ ја формиравте коалицијата на Центарот, кои се главните мотиви зошто токму сега ваква коалиција?

МИЛЕВСКИ: ЛДП има конгресна заложба да настапи самостојно на локалните избори. Таа одлука ја афирмираше Централниот одбор на партијата, после што влеговме во конкретни разговори со други сродни партии од политичкиот Центар, за заеднички настап на изборите. 

Целта за здружување на Центарот призлегува од негативното искуство што го имавме како партија на парламентарните избори во 2011 година, кога наместо заеднички настап на помалите партии, сите настапија самостојно и доживеаја неуспех.

Наша и желба на ДОМ е да ги обединиме сите прогресивни, проевропски сили во државата кои имаат модерни идеи и визија како нашата и заеднички да понудиме еден нов концепт на делување на локално ниво. Концепт кој во прв план го става интересот на граѓаните, наместо личното богатење на поединци и девастирање на животната средина.

Одлучни сме да предложиме кандидати за советници и градоначланици кои ќе бидат чувари на градовите и општините.

Затоа се здружуваме со граѓанските активисти, невладини организации, поединци. Не сакаме послушни, туку луѓе со интегритет кои во преден план нема да ги имаат личните и партиските интереси, туку интересите на локалната средина и на граѓаните. 

Затоа ни требаат силни индивидуи како професорите Пановски и Петрушевски кои беа дел од промоцијата на граѓанското движење. Преку нив упативме порака и сигнал дека за нас се прифатливи токму луѓето како нив кои се непоткупливи, луѓе со став и авторитет.

ПРЕС24:  Ќе продолжи ли нејзиниото окрупнување со други партии?

МИЛЕВСКИ: Ние контактираме со неколку политички партии, граѓански здруженија, граѓански активисти кои изразија желба да се приклучат кон ова ново движење на Центарот. Разговорите привршуваат и во текот на август ќе се знае дали истите ќе пристапат или ќе одлучат на следните избори сепак да настапат во коалиција со некоја од поголемите партии. Условот е да споделуваме исти вредности, да понудат индивидуи со силен личен авторитет и кредибилитет, кои нема да потпаднат под влијание на бизнис интересите и кои ќе се борат за граѓаните.

ПРЕС24:  Дали оваа коалиција значи напуштање на Владата и парламентарното мнизинство?

МИЛЕВСКИ: Погрешно се толкува нашата одлука за самостоен настап. Тоа е така бидејќи ретки се случаите во Македонија, кога некоја помала партија одлучно решила да настапи со свои кандидати, платформа и визија за решавање на локалните проблеми на граѓаните.

Ова се локални избори и немаат никаква поврзаност со парламентарните и со нашето учество во Владата. Уморени сме од битката на големите партии кои кон локалните избори се однесуваат како кон парламентарни, ја подигнуваат атмосферата и создаваат состојба во која локалните избори се третираат како своевиден референдум за доверба или недоверба на Владата, ги заплашуваат граѓаните со апокалиптични сценарија за Македонија, нудат високи лажни ветувања кои потоа се претвораат во големи разочарувања. 

Ние сакаме нормални избори, каде фокус на дебатата ќе бидат локалните проблеми на граѓаните, решавање на нивните секојдневни потреби и промена на начинот на водење на локалната политика.

ПРЕС24:  Вие сепак сте министер во Владата и малку нејасно е зошто би оделе на локални избори самостојно, и дали на пример на следните паралемнтарни избори ќе го продолжите својот самостоен настап како нова коалиција?

МИЛЕВСКИ: Во Владата има и други партии кои ја сочинуват владината коалиција. И тие имаат министри, но ќе настапат самостојно на следните локални избори. Незнам зошто за нив би било логично и нормално да настапат самостојно, а за нас да има нејаснотии и забуни во врска со нашата одлука за самостоен настап. И малку е контрадикторна целата работа. Обично се обвинуваат малите партии дека се терет и се шлепаат на големите партии, но кога малите ќе одлучат да настапат самостојно, надвор од големи коалиции, тогаш се отвораат многу дилеми и нејаснотии, па дури и негативно се гледа на нивата одлука, кај истите луѓе кои до вчера тврдеа дека малите партии се непотребни и терет во големите коалиции.

Партија која не е спремна самостојно да настапи на локални избори, не заслужува ниту да постои како партија. Ние имаме организациски капацитет да истакнеме советнички листи во шеесетина општини низ државата. Во план сме да имаме и триесетина кандидати за градоначалници кои ќе ја понудат визијата на граѓанското движење пред граѓаните. Не сме сите мали партии исти. 

Треба да се прави дистинкција помеѓу човек партија и помала политичка партија како нашата. Впрочем големината на партијата во крајна линија не се мери само преку гласовите кои ги добива на избори, туку и преку идеологијата која ја застапува и за која се бори. Ние сме биле и надвор од Парламентот, но сме опстоиле бидејќи нас никогаш не не водела желбата за власт, туку желбата за промени. Македонија да ја направиме подобро место за живеење и се разбира наша главна водилка е либералната идеологија.

ПРЕС24:  На промоцијата во Градскиот парк, од говорот на доктор Никола Пановски можеше да се насети негова кандидатура за градоначалник на Скопје, но тој подоцна тоа го дементираше. Ќе имате ли свој кандидат и кој?

МИЛЕВСКИ: Гворот на професорот Пановски беше искрен и многу јасен. На наше големо задоволство, една таква личност со висок кредибилитет и квалитет ќе биде дел од нашето движење и за брзо време ќе видите на кој начин тој ќе и помогне на граѓанската опција која е во зародиш. 

За Скопје, движењето ќе има свој кандидат. Како партија која 8 години успешно го водела Скопје, под водство на нашиот поранешен претседател, Ристо Пенов ние имаме морална обврска на
жителите на Скопје да им понудиме личност која знае и може успешно да го води градот следните 4 години.

ПРЕС24:  Формирањето на трет политички блок преку коалиција не е непознат обид на политичката сцена, но досега се покажа како редовно неуспешен. Зошто сега би било поинаку?

МИЛЕВСКИ: Не би се согласил со вашата констатација. Формирањето на предизборни коалиции во Центарот од релевантни политички чинители не била честа појава на политичката сцена. Во 1997 година се обединиле Либералната и Демократската партија и на изборите во 1998 година освоиле 80.000 гласови што во денешни услови, тоа би било голем успех и без нивните пратеници не би било можно било кој да формира Влада. 

Да ве потсетам во пролетта, истата година во Битола се одржаа вонредни локални избори за избор на членови на Совет и ова тукушто формирано партнерство помеѓу либералите и демократите доведе да излезат втори по освоени гласови и советници. Од тогаш Центарот само се разединувал, делел и раслојувал. Ова е прво обединување после толку долг временски период. 

Едноставно дојде нова генерација на политичари во Центарот која не прифаќа поделби, нема суети помеѓу нас и затоа има добра клима за обединување и создавање на сериозна опозиција на двете големи партии. Нашето мото е обединување во интерес на граѓаните.

ПРЕС24:  Една од главните причини за неуспех на трета опција сегогаш се лоцираше во лепењето на помалите партии до двете големи коалиции. Што нови Вие сега би понудиле ако практично сте дел од актуелната власт?

МИЛЕВСКИ: Точно е дека ние сме дел од владината коалиција, која е предводена од левичарска партија. Но ние оваа година немаме парламетарни избори, туку локални избори, а нашето учество или влијание на локално ниво е никакво или е незначително. Затоа имаме целосно право и кредибилитет да бараме промени по теркот на останатите држави од соседството па и од Европа каде либаералните и зелените партиимго имаат главниот збор.

Доколку граѓаните не препознаат како релевантна алтернатива на големите партии и доколку ни ја дадат довербата, ние сме спремни да воведеме многу новини во водењето на локалната самоуправа а тоа ќе биде база за добар успех и на парламентарните избори.

Перцепцијата дека помалите партии се толку беззначајни и имаат потреба постојано да коалицираат со поголемите партии била и една од мотивите да ја донесеме одлуката за самостоен настап на претстојните локални избори.

ПРЕС24: Каков е всушност односот во владината коалиција? Колку сте задоволни Вие како дел од таа власт?

МИЛЕВСКИ: Никогаш неможете да бидете ниту целосно задоволни ниту незадоволни од начинот на водењето на државата. Секогаш треба да се стремите кон подобро и да не се задоволувате со просечното. Во владината коалиција досега не гледам некои поголеми проблеми и несогласувања. Се додека Владата е насочена кон евроатланската агенда, судските реформи, владеењето на правото и борбата со организираниот криминал и корупција се дотогаш ќе ја ужива довербата од ЛДП. 

ПРЕС24:  Од последните изборни цикуси, Левица се наметна како партија која полека го освојува овој празен простор на третата опција. На кои гласачи Вие би таргетирале?

МИЛЕВСКИ: Левица го искористи празниот простор помеѓу двете големи партии и навистина се наметна времено како алтернатива на политичката сцена. Сепак ние со нив имаме многу различно гласачко тело и не ја гледам Левица како конкуренција на граѓанското движење на овие избори. Во смисла на натпревар за тоа која е трета политичка партија во македонскиот блок можеби да, ќе се натпреваруваме со нив, но во однос на гласачкото тело, ние сме сосема различни и воопшто не си конкурираме едни со други.

Од сите досегашни анкети и анализи направени во државата, јасно е дека на Левица две третини од гласовите, ги добива од десното гласачко тело, од луѓето незадоволни од системот, кои никогаш, ниту биле, ниту може да бидат потенцијални гласачи на ЛДП и на Центарот.

Гласовите на ЛДП се умерените, про европски настроени гласачи, урбаните гласачи, средната класа кои се наоѓаат во политичкиот спектар центар лево.

ПРЕС24:  Некои помали партии веќе се определија против воведување на праг од 3% за советничките листи за локалните избори. Како вие гледате на тоа?

МИЛЕВСКИ: Гласачкото ливче се предлага да има два дела. На десната страна на ливчето, како до сега, да ќе се гласа за политичка партија, а на левата страна на ливчето ќе има броеви колку што има места во Советот на одредена општина. Гласачот ќе го заокружи бројот под кој се наоѓа политичката партија на десната страна и бројот под кој се наоѓа неговиот фаворит за советник од партијата за која гласал од десната страна на ливчето. 

Предлагачите предлагаат минимум праг од 3% од вкупниот број на избирачи во конкретната општина, да освои некој од кандидатите за советници за да може да го помести своето место на листата и да стане советник. Бројот на советници на одредена партија зависи од бројот на освоени гласови на политичката партија.

Ние сметаме дека тој праг од 3% од вкупниот број на избирачи е превисок и дека нема да има кандидат кој може да го достигне овој цензус. Станува збор за невозможна мисија и изигрување на суштината на отворените листи. На пример ако Битола или Гостивар имаат 80.000 избирачи, кандидатот за советник мора да освои минимум 2550 гласови за да се надева дека ќе го помести својот редослед на листата и ќе стане советник. Доколку никој не освои толкав број на гласови советници ќе станат првите на листата. На овој начин сметаме дека не се постигнува демократската придобивка од отворените листи.

Ние предлагаме прагот да биде процент од освоените гласови на советничката листа на секоја партија, бидејќи советниците се натпреваруваат помеѓу себе во рамките на една листа на политичка партија или независна листа. Ако некој има доверба од 2550 граѓани, тој ќе си направи сопствена листа и ќе освои два советника при што неговото влијание во Советот ќе биде далеку поголемо.

Кај мене постои сомневање во искрената желба кај големите партии за отворање на листите и сега некако се бара алиби во некоја мала и незначајна партија која се противи на концептот на отворени листи  за отфрлање на овој процес за овие избори. 

 

Ние како ЛДП и ДОМ сепак одлучивме и покрај загриженоста за високиот праг кој е поставен за влез на советник во Советот, ќе поддржиме секакво решение со кое се започнува овој процес на демократизација на изборот на советници, макар бил и нерелаен неговиот прв обид.

 

24.07.2021 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега