Во Бугарија вчера беа приведени 35 лица поврзани со голема криминална мрежа која со години се занимавала со недозволена трговија со културни добра низ Европа. Акцијата, како што соопшти началникот на Генералниот директорат за борба против организираниот криминал (GDBOP), Бојан Раев, опфатила 131 претрес спроведен во рок од само 24 часа.
„Извршивме 131 претрес. Во рок од 24 часа, приведени се 35 лица, пронајдени се илјадници културни вредности, а бројките сè уште се зголемуваат, како и повеќе од 50 парчиња античко огнено оружје“, изјави Раев на прес-конференција, пренесе Ројтерс.
Операцијата, предводена од бугарските власти во координација со Европол и Евроџаст, довела до запленување автомобили, сефови и бројни други предмети поврзани со криминалните активности.
Заменик-градскиот обвинител на Софија, Ангел Канев, посочи дека оваа организирана група делувала повеќе од 16 години, не само во Западна Европа и на Балканот, туку и во САД и други региони.
„Досега, во случајот со перење пари се идентификувани повеќе од 1 милијарда долари“, додаде Канев.
Истрагата е продолжение на случајот отворен по голема рација во 2020 година, кога бугарската полиција заплени околу 7.000 културни артефакти со значајна историска и финансиска вредност, стои во соопштението на Европол.

