Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оствари целодневна работна посета на Општина Карпош, каде што оствари средби со најуспешните ученици, одржа состанок со општинските служби и изврши увид во тековните проекти, меѓу кои и изградбата на новиот мега-парк на местото на поранешната дива депонија.
Денот започна со доделување признанија за најуспешните ученици од Карпош, по што следуваше работен состанок со општинските служби за реализација на ветените проекти отворени во програмата.
На терен, Ѓорѓиевски го посети просторот каде се изградува новиот мега-парк на површина од 86.000 квадратни метри. Тој потсети дека ова место со години претставувало огромна дива депонија:
„Токму ова место со години беше огромна дива депонија, слика што потсетуваше на Вардариште. Наместо да се заштити еден од најубавите делови на градот, несовесното однесување и непостапувањето на поранешните градски власти дозволиле тука да се натрупува отпад, да се палат кабли и да се шири чад. Граѓаните предолго ги трпеа последиците од таквата негрижа. На тоа му ставаме крај!“
Просторот, како што беше најавено, е исчистен од насобраниот отпад, поставен е нов слој чиста земја и се подготвува за ново зеленило, урбана опрема, детски катчиња и сопствена хидрантска мрежа.
Во рамките на посетата, беше наглашено дека привршуваат и градежните активности за пуштање во употреба на мостот на улицата „Љубљанска“, проект кој со години бил закочен.


