Со свечена манифестација денеска се одбележа 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред присутните одржа говор во кој се осврна на 81-годишнината од ослободувањето и на визијата за иднината на градот.

Ѓорѓиевски истакна дека 13 Ноември е „најсветлиот ден во историјата на нашиот град“, кога храбрите борци на македонската војска од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија, заедно со 16-та македонска бригада, го ослободиле Скопје по тешки повеќедневни битки.

Градоначалникот потсети на уличните битки кај Главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица. Тој ја нагласи и храброста на македонските борци кои ја спасиле хидроцентралата Матка од уништување, како и на невооружените цивили кои со своите животи го одбраниле Камениот мост од разурнување.

„Но таа слобода беше платена со највисока цена – со животите на стотици херои. Херои кои никогаш нема да бидат заборавени,“ истакна Ѓорѓиевски.

Во говорот, Ѓорѓиевски се осврна на должноста кон жртвата, нагласувајќи: „Нашата задача денес е јасна – да го изградиме Скопје повторно гордо, достоинствено и современо. Да го направиме град што ќе биде пример – уреден, зелен и безбеден.“

На свеченоста беа доделени и наградите „13 Ноември“ за оние кои го градат духот на градот. Меѓу добитниците се:

  • Публицистика: д-р Марјан Патлиџанковски
  • Образование: м-р Весна Недановска
  • Култура: Јавната установа Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и Сузана Марковска
  • Наука: д-р Марјан Бојаџиев
  • Уметност: Димо Илиев
  • Здравствена заштита: проф. д-р Марија Јовановски Срцева
  • Социјална заштита: Делвина Крлуку
  • Спорт: Зоран Михајлов и Кристијан Јанев
  • Лице од друга држава: д-р Волфганг Давид
  • Најмлади: Андреј Тасиќ
Exit mobile version