Со особено задоволство ве информирам дека денес ја потпишав одлуката за јавна набавка за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во Скопје – булевар „Македонија“, на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода, информираше на ФБ градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„По завршувањето на правната постапка, веднаш започнуваме со работа!
Ова е проект што претставува вистински пресврт за централното градско подрачје, капитална инвестиција што ќе го растовари сообраќајниот метеж и ќе донесе нова динамика во срцето на градот.

 Новиот кружен тек кај „Нова Македонија“ и двата кружни тека на потегот кај булевар „Кочо Рацин“ и улица „Железничка“ ќе овозможат побезбеден и побрз проток, со паметни и современи решенија согласно европските стандарди.

 Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под „Лимак“, Скопје ќе го добие своето прво подземно сообраќајно чудо, нешто што досега не било својствено за нашиот град.

 Сообраќајницата ќе има шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две за јавен превоз и дополнителни пешачки патеки.

 Ова значи дека сообраќајот ќе се одвива непречено, а центарот на градот ќе се ослободи од гужвите, станувајќи многу покомфорен, побезбеден и поуреден простор за сите.

 Овој за мене е еден од најзначајните проекти – симбол на новото време за Скопје!

 Преродбата на Скопје – започнува“, стои во објавата на Ѓорѓиевски на ФБ.

Exit mobile version