Ноќно асфалтирање на мостот ,,Естакада”, една од најважните скопски сообраќајни врски. Ова на Фејсбук го напиша Орце Ѓорѓиевски, скопскиот градоначалник.

– Вечерва, заедно со мојот колега Бобан Стефковски, сме на мостот „Естакада“ во Гази Баба, каде што се одвива ноќното асфалтирање на една од најважните сообраќајни врски во овој дел од Скопје.

Работите ги изведуваме во ноќните часови за да го намалиме сообраќајниот застој и да избегнеме дополнителни гужви во текот на денот.

Ваквата практика ќе продолжи секаде каде што дозволуваат условите, затоа што времето на граѓаните заслужува почит, а нивното секојдневие мора да биде дел од секој наш план за работа.

Со оваа санација одговараме на долгогодишното барање на илјадници жители. „Естакада“ е еден од најфреквентните излези од Скопје, важен за луѓето што патуваат на работа, за учениците, за семејствата и за стопанството.

Наша обврска е да обезбедиме безбедно и непречено движење за сите нив.

Санацијата ги опфаќа пристапните рампи на вкупна површина од 10.000 м².

Од нив, 3.800 м² се целосно обработени со гребење и вградување два нови слоја асфалт, додека на самиот мост се поставува нов асфалтен слој.

Вкупната должина на коловозот што се санира изнесува 1,5 километри.

Поставени се нови рабници и тротоари, а зафатот опфаќа и бојадисување на заштитната пешачка ограда и поставување нови капаци за шахтите.

Зад секој саниран метар стои конкретна придобивка – побезбедно патување, подобра поврзаност и поквалитетно секојдневие за илјадници граѓани.

Скопје заслужува инфраструктура на која граѓаните можат да се потпрат.

Затоа ќе продолжиме со санација на сите мостови во градот каде што има потреба, со јасен приоритет за безбедноста на секој учесник во сообраќајот.

Дадениот збор го исполнуваме на терен, напиша Ѓорѓиевски.

Exit mobile version