Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази „длабока загриженост“ поради брзото влошување на безбедносната ситуација во северна Етиопија, особено по информациите за заземање и окупација на три аеродроми во регионот Тиграј.

Според соопштението на портпаролот на ОН, Стефан Дижарик, аеродромите во Мекеле, Аксум и Шире наводно биле заземени во рамките на интензивираните борби во и околу Тиграј, додека непријателствата дополнително се прошириле и во соседните области.

„Генералниот секретар ги повикува сите страни да покажат максимална воздржаност, веднаш да ги деескалираат тензиите, да ги заштитат цивилите, да обезбедат безбеден и непречен пристап за хуманитарните партнери до оние на кои им е потребна помош и да избегнуваат акции кои би можеле да доведат до поширок и подеструктивен конфликт“, изјави Дижарик.

Гутереш ја истакна и својата целосна поддршка за мировните напори на Африканската унија, вклучувајќи го тука и ангажманот на поранешниот нигериски претседател Олусегун Обасанџо, кои се насочени кон намалување на тензиите и враќање на спротивставените страни на преговарачката маса.

Шефот на ОН упати и конкретен повик за итно продолжување на преговорите во рамките на Преторискиот договор.

Exit mobile version