Премиерот Христијан Мицкоски, за време на престојот во Њујорк, одржа повеќе билатерални средби со европски и регионални претставници, на кои се разговарало за европската интеграција, регионалната соработка, безбедноста и актуелните меѓународни прашања.
Мицкоски се сретнал со претседателот на Финска, Александар Стуб, при што во фокусот биле мирот, дијалогот, почитувањето на меѓународното право и потребата од посилна мултилатерална соработка.
На средбата со косовскиот премиер Албин Курти се разговарало за добрососедските односи, регионалната соработка и можностите за заеднички развој.
Со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, Мицкоски разговарал за европската перспектива на Македонија, реформите и зајакнувањето на регионалната соработка.
Во Њујорк премиерот остварил средба и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Тема биле регионалните предизвици, соработката и заедничките приоритети за стабилен и безбеден регион.
Од Владата велат дека средбите ја потврдуваат посветеноста на Македонија на европската интеграција, реформите, добрососедските односи и активното учество во меѓународната соработка.


